СДСМ ја оцени посетата на македонската делегација на чело со Гордана Силјановска Давкова како дипломатски дебакл, а нашата држава беше изложена на невидено понижување и срам на меѓународна политичка сцена.
Според опозиоциската партија, „гордата Гордана и придружните министри во Софија беа пречекани како претставници на некои локални бугарски клубови или општински институции, а не како меѓународни високи претставници на држава членка на НАТО и важен партнер на Бугарија“.
„Гордата Гордана се согласила на средба без да се истакне македонското знаме, избра да праќа соопштенија до јавноста без користење на државното уставно име и се согласила на средба без заеднички изјави за медиумите. Ова е огромен срам“, истакнуваат од СДСМ.
Од партијата нагласуваат дека „Сиљановска оттаму се враќа без никаква конкретна порака или договор. Прашањето е зошто ја плаќаат граѓаните Гордана, за да гледа опери и ужива? Малку ли и беа три месеци на одмор во Охрид летово во вилата?’
„Ја прашуваме Гордата Гордана и нејзиниот шеф Мицкоски, која држава ја претставуваа во Бугарија и со кои симболи? Каде се изгуби државното име и во него Македонија – за чие меѓународно признавање се бореа генерации? Каде се изгуби ветената и неостварена гордост? Дали сликањето до бугарското знаме значи дека ја претставува Бугарија?“, прашуваат од СДСМ.
Од СДСМ укажуваат дека „Владата на Мицкоски и Сиљановска не се ни свесни за тоа во која мера се изиграни и понижени. Нив воопшто и не ги третираат како државници. Самата Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ се согласиле однапред на приватен и понижувачки третман во Софија“.
„Импровизација и наивност е надворешната политика на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска. Со вакви политики, Македонија ниту е горда, Гордана уште помалку е горда, а граѓаните и државата ќе трпат понижувања секој ден“, потенцираа од СДСМ на прес конференција.