СДСМ: Рамковниот договор е важен документ за мирот, соживотот и градењето заедничка иднина

По повод 24 години од потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид, СДСМ денеска преку соопштение посочи дека тој е важен документ кој стави крај на конфликтот од 2001 година, воспостави мир и отвори поглавје на соживот во градењето заедничка иднина.

„Освен зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата, суштината на Рамковниот договор е издигнувањето над поделбите, меѓусебно помирување и отворање на вратите за заеднички напредок и еднакви можности на сите граѓани. Сите политички чинители во земјава треба своите напори да ги вложат во политики коишто ги сплотуваат граѓаните, да работат заеднички за едно современо, демократско и интегрирано општество за сите“, посочуваат од СДСМ.

На 13 август 2001 година во Охрид тогашните лидери на 4-те најголеми партии Љупчо Георгиевски на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски на СДСМ, Арбен Џафери на ДПА и Имер Имери на ПДП ги ставија своите потписи на мировниот Охридски договори како и гарантите на тој договор поранешниот претседател Борис Трајковски и меѓународните посредници Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

По тој повод Владата денеска одржа свечена седница.

Зачлени се на нашиот е-билтен