СДСМ: Невидена партизација, ДПМНЕ има отворено 700 огласи за свои партиски кадри, останатите млади – преку граница, им ја уништи последната капка надеж

СДСМ објави дека во 'државата на ДПМНЕ, нема институција која не е подложена на груба партизација пред изборите'.

Како најатрактивни институции ги наведуваат МНАВ, Министерството за одбрана и уште десетина други со преку 700 огласи за работа. Оттаму велат дека тие се предмет на вдомување исклучиво на партиски подобни лица и дека вакава груба партизација е незапаметена во историјата на државата.

„Стручни и квалитетни кандидати се отфрлаат секаде, а местата се полнат со партиски луѓе. Се партизира секоја позиција, па дури и личните асистенти за децата со посебни потреби. ВМРО-ДПМНЕ ја уништува последната капка надеж кај младите дека може да се вработат според квалификации и знаење. Каде е министерот Минчев да излезе и да објасни како се професионализирала администрацијата? Администрацијата никогаш не била на посилен удар, не е ни чудо што лани преку 17.000 луѓе се иселиле. Оваа бројка секојдневно ќе расте. ВМРО-ДПМНЕ надежта ја претвори во очај“, велат од СДСМ.

Од СДСМ посочуваат дека ако се анализираат вработувањата во МНАВ, работа станува многу јасна.

„Вработувањето на Атанас Стамнов, човек без никакво искуство во воздушниот сообраќај, е само почеток. Негова сопруга е Анита Стамнова, директор на Централниот регистар. Братот на претседателот на управниот одбор, Владимир Ристовски, кој е чист партиски кадар од Карпош, е унапреден. Во Министерството за одбрана се случува уште поголема манипулација. Во конкурсот за 60 места за стручно оспособување на офицери, 74 кандидати успешно ја поминале селекцијата, но само 29 имиња се нашле во решението. Министерството за одбрана ја лаже јавноста тврдејќи дека тие кандидати ќе бидат пренасочени во “втора група” за курсисти, што е целосна манипулација. Нема да има втора група, туку нов оглас за нови кадри кои се подобни и кои ќе ги чуваат местата за нив“, велат во СДСМ.

Од СДСМ ги предупредуваат граѓаните и ги повикуваат да бидат свесни дека пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна: ‘нема место во оваа држава за чесните, работливи, оние кои вложувале во себе и својот развој. Единствениот пат до успехот е или преку партијата или преку граница. Токму ваквиот систем граѓаните се надеваа да се промени, но тој не само што не се промени, туку за прв пат се надгради до мера на уништување на целото општествено ткиво’.

Зачлени се на нашиот е-билтен