СДСМ: „РЕК Битола во колапс поради наместен тендер тежок 150 милиони денари“

Опозициската СДСМ обвини дека РЕК Битола е во оперативен застој веќе неколку дена поради „корупција од епски размери“ и наместени тендери што, како што тврди, ги склучило новото раководство поставено од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во писменото соопштение партијата наведува дека управата на комбинатот потпишала рамковна спогодба вредна 150 милиони денари за услуги за чистење со фирма која „нема ниту еден вработен, нема техничка опрема, ниту искуство“. Според СДСМ, управителот на таа компанија, неофицијално, бил молер со криминално досие во Германија.

Пожарот и испаѓањето на блоковите од електроенергетската мрежа, што ЕСМ првично го квалификуваше како „саботажа“, опозициската партија го поврзува со тендерот. Тие посочуваат дека условите во огласот – минимум 330 ангажирани работници, тешка механизација и 24-часовна логистичка поддршка – биле „бронеточно“ дефинирани, но на крај договорот го добила фирма што не можела да исполни „ни 1 %“ од бараните критериуми.

СДСМ тврди дека, бидејќи избраниот изведувач не успеал да ангажира опрема и персонал, вработените во РЕК Битола сами ги извршуваат работите за кои државата ќе плати околу 2,5 милиони евра. Партијата прашува „кој ја потпишал рамковната спогодба, кој ја пуштил компанијата во процедура и зошто документите се кријат“ и бара ЕСМ да ја активира банкарската гаранција.

„Додека блоковите на РЕК стојат нечистени, Македонија ќе увезува скапа струја, а профит ќе остваруваат фирми блиски до премиерот Мицкоски“, се вели во соопштението.

Опозициската партија ги повика Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија „веднаш да отворат постапка“. Од Владата и од ЕСМ засега нема реакција на обвиненијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен