СДСМ: Семејна фирма на Томовски, директорот на СОЗР, добила над пет милиони евра државни пари

СДСМ денеска на прес конференција објави информации за нов корупциски скандал поврзан со владејачката ВМРО- ДПМНЕ.

„Видовме како се пумпаат 9 милиони евра, пари на граѓаните преку блиски луѓе и посредници. Видовме како се краде народот преку наместени тендери. Ама за старата банда не се доволни посредници од надвор, таа е гладна, ненаситна, бизнисот мора да го тераат лично и од дома, од фамилијата. Денеска објавуваме нов скандал, нова бомба! За тоа кој и како „чисти”?” рече Александар Саша Димитријевиќ на денешната прес конференција на СДСМ.

Сите патишта, додаде тој, водат до Ивица Томовски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Службата за општи и заеднички работи при Владата.

„Не чисти СОЗР – чисти семејната фирма на Томовски. ‘Чистењето’ се мери во милиони евра!” потенцираше Димитријевиќ.

Според објавените податоци од СДСМ, семејната фирма на Томовски, која го менувала името, но не и матичниот број, од институции и општини добила вкупно 5.360.000 евра преку 161 тендер.

„Од државни институции и од општини, водени од ДПМНЕ, семејната фирма на Томовски која го менува името добила: неверојатни 5 милиони и 360 илјади евра или вкупно 161 тендери.Само со доаѓањето на ДПМНЕ на власт, фирмата ја зголемила својата дејност за 306%, а само годинава земала нови 10 тендери од речиси половина милион евра. Случајно, им тргнало чистењето на буџетот. За што е Томовски во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата мислам дека на народот му е кристално јасно после ова. Важно фамилијарните бизниси течат. ” рече Димитријевиќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен