СДСМ со реакција: „ВМРО-ДПМНЕ ја даде концесијата за Казандол, ние ја укинавме дозволата и го истуркавме процесот до крај“

СДСМ реагира на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека токму владата на ВМРО-ДПМНЕ во февруари 2015 ја доделила концесијата за рудникот „Казандол“ на компанијата „Сардич“, додека нивната влада во 2018 ја укинала експлоатационата дозвола и го раскинала договорот по, како што велат, масовни протести и јасно изразена волја на граѓаните во Валандово, Богданци и Дојран.

Во реакцијата се тврди дека градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ги блокирале иницијативите за локални референдуми во 2017, додека СДСМ била „на страната на граѓаните“. Оттаму потсетуваат дека по владината одлука од март 2018 започнала арбитражната постапка и дека „целата правна работа е завршена уште од тогашната влада, а решението пристигнува сега“.

Партијата упатува прашања до Николовски „зошто во 2015 е дадена концесијата и зошто се игнорирале протестите“, додавајќи дека со арбитражниот исход државата нема да плати 115 милиони евра побарано обесштетување. „СДСМ беше и останува на страната на граѓаните… благодарение на граѓанскиот отпор и одлуките на владата на СДСМ, овој рудник не постои“, стои во реакцијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен