СДСМ денеска обвини дека постои организиран обид за внатрешно рушење на партијата, за кој одговорноста ја лоцира кај ВМРО-ДПМНЕ. На прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска изјави дека, според партијата, станува збор за „платформа за рушење на СДСМ одвнатре“, осмислена во момент кога власта, како што рече, е соочена со криминални скандали и пад на поддршката.
Во обраќањето, Кузеска тврдеше дека нападите врз СДСМ се засилиле по, како што наведе, разоткривањето на бизнис мрежа поврзана со премиерот Христијан Мицкоски во енергетскиот сектор. Според неа, наместо одговори за тие наводи, следувал координиран обид за дефокусирање на јавноста и за отворање фронт внатре во опозициската партија.
„Фатени во криминални скандали, без никаков резултат зад себе, на ВМРО-ОКГ не им останува ништо друго освен да пробаат да ја рушат СДСМ. Последните анкети направени од самата ВМРО покажуваат дека власта има голем пад на поддршката, а има раст на рејтингот на СДСМ. Затоа ова се случува. Затоа и постои така наречената ‘Платформа’ – тоа е ‘Платформа за рушење на СДСМ од внатре’, осмислена од страна на ВМРО“, рече Кузеска.
Од СДСМ порачаа дека, и покрај ваквите, како што ги нарекуваат, обиди, партијата останува обединета и дека нема да дозволи внатрешно разнебитување. Кузеска најави дека опозициската партија ќе продолжи да објавува информации за, како што рече, криминално-коруптивни дејствија на власта и дека нема да отстапи од политичката конфронтација со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние нема да дозволиме да се руши СДСМ. Овие очајнички обиди на ВМРО нема да успеат. СДСМ има нова сила – нова енергија. Единствени зад борбата против криминалната власт на Мицкоски и ВМРО. СДСМ за секој еден криминал на власта која бесрамно краде од граѓаните ќе продолжи да ја објавува вистината и со вистината ќе се бори против оваа криминална власт“, изјави Кузеска.
Прес-конференцијата доаѓа во период на засилени политички обвинувања меѓу власта и опозицијата, но и во време кога и внатрепартиските тензии во СДСМ стануваат сè повидлив дел од дневната политика. Денешната порака од Бихаќка беше дека раководството ја чита таа состојба како дел од поширок политички притисок, а не како изолиран внатрешен спор.