СДСМ: Власта го отвора спорот за јазикот со Бугарија за да кочи ЕУ

Филипче

Опозициската СДСМ обвини дека спорот за јазикот со Бугарија повторно се вади на маса за да се закочи европскиот пат на државата, откако во јавноста се отвори прашањето на кој јазик треба да биде изработен и комунициран „Планот за правата на заедниците“ поврзан со процесот на евроинтеграции.

Политичката расправија се разгоре по изјави и реакции околу документот што треба да биде дел од домашните обврски во контекст на т.н. европски консензус од 2022 година. Бугарското Министерство за надворешни работи во соопштение наведе дека „јазикот на кој треба да биде Планот“ е внатрешно прашање на Северна Македонија и не е тема на билатералните односи, додавајќи дека е тешко објасниво зошто нацртот бил презентиран на англиски, ако треба реално да се применува. Во истото соопштение се потсетува и дека Планот е чекор што треба да следи по вклучувањето на Бугарите во Уставот, што, според Софија, е предуслов за отворање на пристапните преговори.

Бугарската страна дополнително наведува дека ја поздравува изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ги прифати „сите други забелешки“ на бугарската заедница во Планот и очекува таа обврска да биде испочитувана.

Од македонското Министерство за надворешни работи, пак, реагираа дека документот е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во консултација со Советот на Европа и Европската комисија, со јасни мерки, рокови и надлежности, и дека наместо „неаргументирани коментари“ очекуваат европско однесување и целосна почит и признавање на македонскиот јазик. Во реакцијата се наведува и дека процесот се водел во фази од 2023 година, со засилена финализација во последните шест месеци од 2025 година.

СДСМ оценува дека ваквите препукувања околу јазикот не се случајни, туку се политичка тактика што ја префрла тежината од конкретните реформи и обврски кон нови линии на конфликт со Софија, со што, според партијата, директно се успорува процесот на ЕУ-интеграција.

Зачлени се на нашиот е-билтен