СДСМ во соопштение за јавноста ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја води политиката низ „три сегменти“ – дефокус од вистинските проблеми, анти-ЕУ кампања и криминал и корупција – и дека за прашањата што директно го засегаат животниот стандард на граѓаните не дава одговори.
Во реакцијата, опозицијата тврди дека Владата нема објаснување зошто нема зголемување на платите, ниту одговор каде се „недостасувачките 2 милијарди евра“, како и што точно значи и како ќе се применува терминологијата „економски работници“ што, според СДСМ, се користи во јавните настапи на власта.
СДСМ во истото соопштение ја проширува критиката и кон, како што наведува, „криминални тендери“, случајот со Алта банка и активностите поврзани со групата „Ноќни волци“, кои ги опишува како дел од антиамерикански и анти-европски активности и влијание блиско до политиките на Москва.
Наместо институционални одговори, СДСМ оценува дека власта применува „стар рецепт“ на пренасочување на вниманието, при што дефокусот, според нив, се надополнува со јавен притисок преку лажни вести и манипулации насочени кон претседателот на СДСМ, раководството и членството на партијата.
Во соопштението, СДСМ ја врзува оваа практика со поширока анти-ЕУ и антиамериканска кампања, тврдејќи дека таквата политика ја турка државата кон негативни меѓународни перцепции и ја оддалечува од европските стандарди.