СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ „паднало прениско“ во обид да ја одбрани в.д. директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, тврдејќи дека преку партиската говорница се пласирале неточни информации за Еразмус+ проекти. Во соопштението партијата посочува дека и градоначалникот на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, јавно ги демантирал тезите на сопствената партија.
СДСМ наведува дека проектот што беше означен како „тренирање магариња“ всушност е практична обука на ученици и наставници во земја-членка на ЕУ, со фокус на стекнување стручни и претприемачки вештини — меѓу другото и производство на сирење. Ова се совпаѓа со вчерашното појаснување од поранешниот директор на СОЗШУ „Ѓорче Петров“, Горан Велковски, дека училиштето нема сопствена сточарска фарма и дека обуките за копитари (коњи и магариња), како и модулите за млечарство, се дел од одобрени Еразмус+ мобилности.
Во делот за наводните злоупотреби, СДСМ се повикува на извештај на ОЛАФ доставен до Јавното обвинителство, кој, според партијата, утврдува основано сомнение за злоупотреба на над 2 милиони евра европски средства, со инволвираност на повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и уште пет земји-членки на ЕУ. Дополнително, СДСМ бара да се испита распределбата на над 8 милиони евра во периодот 2014–2017 година и улогата на тогашни евалуаторки, како и на првиот директор Бошко Нелкоски – „ментор на актуелната в.д. директорка“, како што се наведува во соопштението.
Партијата оценува дека ВМРО-ДПМНЕ „стои зад заштитата на милионски криминални шеми во Еразмус+“ и повикува Јавното обвинителство веднаш да постапи и „сите одговорни да бидат изнесени пред правдата“.