СДСМ: Вториот вработен во фирмата со 9 милиони тендери бил во УБК

СДСМ отвори ново прашање околу владините тендери во ИТ-секторот, обвинувајќи дека вториот вработен во фирмата која за половина година добила речиси 9 милиони евра државни договори е лице поврзано со поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање во времето на Сашо Мијалков.

На прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска посочи дека станува збор за Глигор Поцев, кој во предметот „Таргет – Тврдина“ се појавувал како сведок за уништувањето на опремата за масовно прислушување, во период кога работел во УБК. Според СДСМ, токму овој човек денес е вториот вработен во ИТ-компанијата што во последните шест месеци склучила тендери од скоро 9 милиони евра со институциите.

Особено контроверзен, според опозицијата, е последниот потпишан договор – рамковна спогодба со Владата за набавка на софтверски лиценци за виртуелна платформа. Прашуваат како е можно луѓе кои биле дел од разузнавачки структури, и кои, како што тврдат, директно или индиректно се поврзани со процесите за уништување на опрема за прислушување, денес повторно да бидат во позиција да работат со милионски тендери за софтвери.

СДСМ го врзува овој случај со начинот на владеење на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека „школата“ е иста како во времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Тие тврдат дека и денес се доделуваат милионски јавни набавки на фирми со сомнителна или речиси непостоечка историја, основани пред само една година и со минимален број вработени, а целта, како што велат, е богатење на партијата и на поединци од врвот на власта.

„Дури и луѓето се од истиот груевистички период“, порача Кузеска, коментирајќи дека не станува збор за случајност туку за „криминален систем“ кој, според СДСМ, служи за извлекување пари од граѓаните и за контрола преку тендери. Од опозициската партија бараат институциите да отворат истрага за овие договори, да ги проверат поврзаностите на сопствениците и вработените и да постапат согласно законот.

СДСМ дополнително предупредува дека делата што, според нив, произлегуваат од вакви тендерски шеми не застаруваат и дека, како што беше порачано на прес-конференцијата, одговорност „ќе има кога-тогаш“. Со тоа партијата најавува дека оваа тема ќе остане во фокусот на нивната политичка и правна битка со актуелната владејачка гарнитура.

Зачлени се на нашиот е-билтен