Претседателот на општина Жабљак, Радош Жугиќ, изрази длабоко жалење поради тешката несреќа на скијалиштето Савин Кук на Дурмитор, во која животот го загуби државјанин на Германија, а неговата сопруга беше тешко повредена. Тој повика на итна, целосна и транспарентна истрага за да се утврдат сите околности и одговорности.
Жугиќ нагласи дека безбедноста на туристите е темел на довербата врз која со години се гради туристичката понуда на Жабљак.
„Не можеме да ја игнорираме фактичката состојба дека Жабљак живее од туризмот. Оваа трагедија сериозно ја разниша довербата и реално е да се очекува дека голем број посетители ќе избегнуваат користење на жичарите, што директно ја загрозува зимската туристичка сезона и егзистенцијата на многу семејства“, изјави Жугиќ.
Тој инсистира на целосно расветлување на случајот и итни мерки кои ќе гарантираат максимална безбедност во иднина, предупредувајќи дека без јасни одговори последиците по туризмот и локалната економија може да бидат долгорочни и сериозни.
Од Туристичкиот центар Дурмитор соопштија дека управата и вработените се длабоко потресени од трагичниот настан. Директорот Маринко Пуриќ изјави дека жичарата на која се случила несреќата поседувала целосна техничка и законска документација за работа и дека пред почетокот на зимската сезона биле извршени сите редовни контроли согласно прописите.
Туристичкиот центар, како што наведе Пуриќ, во целост соработува со полицијата и надлежното обвинителство со цел прецизно да се утврдат сите околности што довеле до несреќата. Поради почит кон семејството на загинатиот и тековната истрага, од центарот велат дека засега не можат да изнесуваат дополнителни детали.
Несреќата се случила во саботата, нешто по 13 часот, кога корпата на ски-лифтот на Савин Кук проклизала и удрила во друга корпа. Германскиот турист испаднал од корпата и починал на самото место, додека неговата сопруга останала заглавена и се здобила со тешки повреди.
Поради прекин на работата на жичарата за потребите на истрагата, уште три лица – државјани на Србија, Германија и Црна Гора – со часови останале заглавени во корпите над стрмен и опасен дел од ски-патеката. Тие биле успешно евакуирани дури по 17 часот.