Се гаси производството на некои од најпознатите автомобилски модели во Европа

2026 година нема да донесе само нови автомобили, туку и тивко заминување на низа модели што со децении беа дел од европските патишта. Дел од нив го завршуваат својот животен циклус, други се жртва на пазарните трендови, а трети на сè построгите еколошки прописи.

Alpine A110

Alpine A110, една од ретките модерни спортски икони што ја бранеше филозофијата на леснотија и чисто возачко уживање, влегува во завршна фаза. Бензинската верзија ќе се повлече до крајот на 2026 година, за да отстапи место на електричен наследник на новата APP платформа. Името останува, но концептот се менува – за многумина, ова значи крај на „вистинскиот“ A110.

Audi

Audi значително ја намалува понудата. Малите модели A1 и Q2 ја завршуваат кариерата без директни наследници со мотори со внатрешно согорување. Нивното место ќе го заземат електрични компактни SUV модели. Истовремено, од понудата се повлекува и A7 Sportback, со што Audi дополнително ја поедноставува седанската гама во корист на A6 и електричните верзии.

BMW

BMW затвора неколку ниши што со години ги пополнуваше. Конвенционалниот X4 веќе е повлечен од производство, а во 2026 година ќе се збогуваме и со Z4 и Серија 8. Фокусот на брендот се префрла кон платформата Neue Klasse и електричните модели, додека спортските кабриолети и големите GT автомобили заминуваат без директни замени.

Ford

Ford Focus, еден од столбовите на европската понуда на брендот, веќе е повлечен од производство, а во 2026 година ќе исчезне и од салоните каде сè уште се продаваат последните примероци. Ford дефинитивно се оддалечува од класичните автомобили во Европа и се насочува кон кросовери, SUV модели и т.н. „емотивни возила“.

Honda

Honda Civic Type R формално не исчезнува од производство, но се повлекува од европскиот пазар поради CO₂ регулативите. Така, европските купувачи остануваат без еден од последните чистокрвни hot-hatch модели. Наследник се очекува само во хибридна форма, и тоа не пред 2027 година.

Mercedes-Benz

Mercedes-Benz спроведува широка рационализација. Класата B, EQA и EQB влегуваат во завршна фаза, а иднината на EQE лимузината и SUV верзијата е неизвесна. Паралелно, сè поизвесно е и повлекувањето на повеќе AMG модели со дволитарски хибридни четирицилиндрични мотори, што означува крај на една кратка ера.

Mitsubishi

Mitsubishi Space Star, еден од ретките класични градски автомобили „од старата школа“, заминува поради високите трошоци за усогласување со регулативите. Улогата на најмал модел во гамата ја презема Colt – технички близнак на новиот Renault Clio.

Renault

Renault Megane Conquest, SUV-купе моделот што го пополнуваше просторот меѓу Austral и Rafale, се повлекува без директен наследник. Renault ја поедноставува понудата и сè повеќе се фокусира на електричните модели.

Toyota

Toyota GR Supra ќе престане со производство во 2026 година, заедно со BMW Z4, бидејќи ги делат истите технички основи. Новата Supra ќе пристигне подоцна, развиена исклучиво под водство на Toyota, со посилен фокус на GR идентитетот.

Volkswagen

Volkswagen Touareg во сегашната форма ја завршува кариерата. Финалното издание го означува крајот на еден од последните големи дизел и бензински предводници на брендот. Електричен наследник не се очекува пред крајот на деценијата.

Volvo

Volvo го затвора поглавјето на големите каравани со класични мотори. V90 веќе е повлечен, а се очекува и V60 да му се придружи во 2026 година. Електричните каравани остануваат дел од долгорочната стратегија на брендот.

Зачлени се на нашиот е-билтен