Се откупувале овошје и зеленчук без договори

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата извршила контроли во неколку откупни центри што вршат откуп на овошје и зеленчук од индивидуални земјоделци и правни лица. При контролите биле утврдени неправилности во договорните односи меѓу откупувачите и добавувачите на земјоделски и прехранбени производи.

Според информациите што ги објави Комисијата, најчестите неправилности се однесуваат на непостоење писмени договори за откуп, користење договори што не ги содржат задолжителните законски елементи и договорни одредби што не се усогласени со законските обврски.

Комисијата најави дека ќе продолжи со активен надзор и дека против субјектите кај кои се утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни санкции. Засега не се објавени имиња на конкретни откупни центри опфатени со контролите.

Случајот се однесува на примената на правилата за фер односи во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи. Законот за забрана на нефер трговски практики ги опфаќа производителите, откупувачите, преработувачите, трговците на големо и трговците на мало во договорни односи, со цел да се спречи злоупотреба на преговарачка моќ во однос на добавувачите.

Од Комисијата апелираат сите учесници во синџирот на снабдување да ги почитуваат законските одредби, со цел да се обезбедат фер, транспарентни и рамноправни деловни односи и да се заштитат земјоделците и останатите добавувачи од нефер трговски практики.

Најчитано