Тројца мигранти го загубија животот, а осуммина успеале да се спасат по трагедијата што рано утрово се случила на реката Сава кај Славонски Брод, кога се превртел чамец со група луѓе кои се обидувале да ја преминат реката. Повредените веднаш биле пренесени во болница.
Командантот на Јавната противпожарна станица во Славонски Брод, Иван Вулета, за Хина изјави дека дојавата ја примиле во 5:38 часот.
„Излеговме на терен со две противпожарни возила и еден чамец. Во чамецот имало 11 мигранти – осуммина се спасени, а тројца, за жал, се удавија,“ рече Вулета.
Спасените мигранти биле згрижени од екипите на Брза помош и пренесени во болницата во Славонски Брод.
Според информациите од полицијата, во 5:20 часот било пријавено дека повеќе лица се наоѓаат во реката и бараат помош. На местото веднаш биле испратени полициски патроли и други итни служби.
Портпаролката на Бродско-посавската полиција, Ката Нујиќ, потврди дека полициските службеници извадиле 13 лица – странски државјани од студената Сава, од кои едно лице не покажувало знаци на живот.
Сите лица со симптоми на хипотермија биле итно пренесени и хоспитализирани.
Полицијата привела и државјанин на Босна и Херцеговина, кој се сомничи дека е поврзан со организирање на преминот и со кривичното дело што довело до трагедијата. Тој во моментов е во болница под полициски надзор.
Од полицијата соопштуваат дека истрагата продолжува, со цел да се утврдат сите околности што довеле до несреќата.