Европските берзи денеска бележат раст, откако Кина и САД испратија сигнали за намалување на трговските тензии и подготвеност да ги продолжат преговорите. Веста донесе олеснување кај инвеститорите кои со денови беа во исчекување на можен нов трговски конфликт меѓу двете најголеми светски економии.

Минатата недела пазарите беа во пад поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави високи царини кон Кина како одговор на новите контроли на Пекинг врз извозот на ретки земни минерали.
По сигналите за нова рунда разговори, инвеститорите повторно покажаа оптимизам. Поголемиот дел од европските индекси денеска се во позитивна зона, а аналитичарите оценуваат дека дури и најмало приближување меѓу Пекинг и Вашингтон може да влијае на стабилизација на глобалните пазари.
Истовремено, пазарите го следат и почетокот на сезоната на корпоративни извештаи за третиот квартал од 2025 година. Големи компании како ASML, LVMH и Nestlé оваа недела ќе ги објават своите резултати, што дополнително ќе влијае врз расположението на инвеститорите.