Во централното градско подрачје во Битола денеска се случи сериозен инцидент кога дел од куќа се урна и оштети неколку паркирани возила. Настанот се случил на паркингот зад зградата на поранешниот ЈАТ, локација која секојдневно ја користат голем број граѓани.
Според првичните информации, ѕидот се срушил ненадејно, при што биле оштетени повеќе возила, од кои дел претрпеле сериозни материјални штети. За среќа, во моментот на уривањето немало повредени лица, но настанот предизвика вознемиреност кај локалните жители и сопствениците на оштетените автомобили.
На местото на настанот веднаш интервенирала полицијата, која извршила увид и направила службен записник. Се утврдуваат причините за уривањето на ѕидот, а надлежните служби треба да дадат одговор дали станува збор за дотраен објект, пропуст во одржувањето или други фактори.
Еден од оштетените сопственици, битолчанецот Андреј Терзиевски, вели дека штетата на неговото возило е огромна.
„Падна дел од ѕидот директно врз нашето возило. Полицијата дојде и направи записник, но колата е толку оштетена што практично не може да се поправи. Ќе преземеме правни мерки, затоа што некој мора да сноси одговорност“, изјави Терзиевски.
Слична е реакцијата и кај другите оштетени граѓани. Елеонора Терзиевска, која исто така го затекнала своето возило уништено, вели дека инцидентот бил целосен шок.
„Ова е шок за нас. Го паркирате возилото уредно, како и секој ден, а кога ќе се вратите го наоѓате тотално уништено. Не е во ред. Мора да се најде начин возилата да бидат обештетени“, истакна Терзиевска.
Граѓаните апелираат до надлежните институции да се испита состојбата на објектите во градот, особено оние во близина на јавни паркинзи и фреквентни места, за да се спречат вакви инциденти во иднина.
Од надлежните служби се очекуваат официјални информации, како и одговор дали ќе се преземат мерки за санација на објектот и обештетување на оштетените сопственици на возила.