Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Се зголемува бројот на жртви од земјотресот во Кина

 Смртниот биланс од земјотресот во северозападна Кина се искачи на 126 лица, а повеќе од 700 се повредени.

Повеќе од 155.000 домови се уништени или оштетени во земјотресот со јачина од 6,2 степени, регистриран вчера, една минута пред полноќ по локално време. Потресот се случи на длабочина од 10 километри, со епицентар во провинцијата Гансу.

До 8 часот по локално време, регистрирани се 32 последователни потреси, од кои најголемиот бил со јачина од 4,1 степени според Рихтеровата скала, соопшти покраинскиот оддел за итни случаи.

Околу 2.200 лица од противпожарната служба на провинцијата Гансу и 900 од шумската бригада, како и 260 спасувачи се испратени во зоната на катастрофата, јавува Синхуа.

Исто така, на тие локации се распоредени и стотици припадници на војската и полицијата.

Покраината издвои 20 милиони јуани (2,8 милиони долари) за да и помогне на локалната самоуправа да одговори на вонредната ситуација, а испратени се и материјали, вклучувајќи 2.600 шатори, 10.400 полски кревети, 10.400 јоргани, 10.400 душеци и 1.000 шпорети.

Гансу е меѓу најсиромашните провинции во Кина.

Областа погодена од земјотресот се наоѓа во планински регион, каде температурите се екстремно ниски, околу -14 степени, што дополнително ја отежнува работата на спасувачите, наведува Синхуа.

Иако период од 72 часа се наведува како време во кое може да се најдат преживеани по земјотрес, поради временските услови тој период е пократок, а заробените под урнатините се изложени на уште поголем ризик.

Во подрачјето погодено од земјотресот постепено се обновува снабдувањето со електрична енергија.

Оштетени се десетици автопати и селски патишта, а дојде и до неколку одрони. 

Зачлени се на нашиот е-билтен