Седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје ќе се одржува од утре до четврток во Кинотека и во кафе „Котур“ во Скопје.
Организатор е ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи, а во фокусот се корупцијата и улогата на медиумите во антикорупциската борба.
Како и секоја година, содржините и на ова фестивалско издание се бесплатни. Трите фестивалски дена носат дискусии, богата филмска програма, почнувајќи со македонската премиера на наградуваниот филм „Лекциите на Блага“, кој ќе се прикажува на 21 ноември во Кинотеката во Скопје.
Фестивалското отворање е утре, каде новинари од земјава и од соседството ќе разговараат за (не)моќта на медиумите да се справат со корупцијата како сеприсутен феномен. Дискусијата ќе се одржи во Кинотека, а следните два дена Медиумскиот фестивал Скопје ќе се одржува во кафе „Котур“.
Вториот фестивалски ден ќе почне со претставување на хрватскиот новинарски фестивал „Медиуми во времето“ (Media in Time), кој се одржува во Винковци. По дискусијата за предизвиците на младите новинари во денешната медиумска средина кај нас, ќе се прикажат и два кратки документарни филма потпишани од учесници во Програмата за млади новинари на ПИНА. В четврток, пак, учеснички од Програмата за жени новинарки на ПИНА ќе дискутираат за работата и резултатите од ваквото вмрежување, како и за предизвиците со кои се соочуваат новинарките кај нас.
Во рамки на фестивалот ќе има и работилници за активни и надежни новинари, годинава посветени на мобилното новинарство и т.н. дата новинарство засновано на анализа на податоци и статистики.
Филмскиот избор на Медиумскиот фестивал Скопје нуди квалитетни документарни остварувања. На 22 ноември во Котур ќе се прикажуваат „Пластично фантастично“ и „Под затруено небо“.
Вториот фестивалски ден го затвора „Седум зими во Техеран“ за трогателната судбина на Рејхане Џабари, млада девојка од Иран, но и крикот за правда за жените во Иран и ширум светот.
На 23 ноември во „Котур“ ќе се прикажуваат „Целосна доверба“ и „Фантомски папагал“.
Целосната програма за седмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје може да се погледне на веб страната www.mfs.mk.