Ноќта меѓу 31 декември 2025 и 1 јануари 2026 заврши со тешки повреди од пиротехника кај седум лица, меѓу кои пет деца и двајца возрасни, соопштија надлежните на прес-конференција по кампањата „Создавај спомени без повреди – кажи НЕ за пиротехнички средства“. Кај дел од повредените, поради сериозноста на повредите, лекарите извршиле ампутации на делови од прсти, а регистрирани се и рани и изгореници на дланките.
Според информациите од здравствените служби, три деца биле примени во Ургентниот центар, две деца на Клиниката за детска хирургија, а двајца возрасни на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија. Надлежните повторија дека ваквите интервенции оставаат долготраен процес на лекување и ризик од трајни последици, особено кога меѓу повредените има деца.
Од Клиниката за пластична хирургија посочија дека кај нив биле згрижени двајца мажи, на возраст од 50 и 58 години, и на двајцата им биле ампутирани прсти. Во едниот случај, повредата настанала додека му покажувал на внукот како се користи петарда, а во другиот кога петардата експлодирала во раката додека ја земал од дете.
Лекарите предупредуваат дека повредите кај најмладите често носат неповратни последици, а дел од децата и натаму се на болничко лекување.
Од Министерството за здравство наведоа дека во декември биле одржани предавања во 137 основни и средни училишта во 27 градови, со опфат од околу 14.000 ученици, но нагласија дека пораката мора да се повторува затоа што ризикот останува реален.
Во истиот контекст, Министерството за внатрешни работи информираше дека во текот на 2025 година се запленети над 252.000 парчиња пиротехника и се поднесени 37 кривични пријави против 37 лица, со најави за поостри мерки против нелегалната трговија и употреба на пиротехнички средства.