„Сејф сити“ ќе ги спасува бездомните кучиња

Идентификација на несовесни сопственици и 30 милиони денари за проширување на „Лајка“ и похумано згрижување

Системот „Сејф сити“ во наредниот период ќе се користи и за идентификација и санкционирање на лицата кои несовесно ги напуштаат своите животни на територијата на градот. Преку користење на камерите и другите технолошки решенија, институциите ќе можат полесно да ги утврдат случаите на напуштање миленици и да покренат соодветни постапки. На овој начин, градските власти имаат цел постепено да се намали бројот на улични кучиња кои се движат низ речиси сите населби во главниот град.

Воедно, обезбедени се 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, со цел создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Средствата се наменети за подобрување на инфраструктурата, зголемување на сместувачките капацитети, како и за унапредување на ветеринарната грижа и третманот на животните.

Со оваа инвестиција се најавува нов пристап кон долгогодишниот проблем со бездомните животни во Скопје. Според градските власти, во изминатите години овој предизвик често бил оставан на страна, што придонело за зголемување на бројот на кучиња на улиците, но и за појава на ризици поврзани со безбедноста, здравјето и благосостојбата и на граѓаните и на животните.

Од Градот посочуваат дека забелешките и реакциите од јавноста се сфаќаат сериозно и дека е потребен системски и одговорен пристап за трајно решавање на проблемот. Воедно се нагласува дека нема да се дозволи главниот град да стане место каде што се носат бездомни кучиња од други општини или градови, а ова прашање веќе се разгледува во координација со надлежните институции на државно и локално ниво.

Упатен е и апел до граѓаните активно да пријавуваат случаи на напуштање животни, злоупотреби или организирано носење кучиња од други средини. Соработката со јавноста се смета за клучна во воспоставување одржлив систем за контрола на популацијата на бездомни животни.

Проширувањето на капацитетите на „Лајка“ се очекува да започне во краток рок. Крајната цел е да се обезбеди доволен простор, соодветна исхрана, редовна ветеринарна заштита, стерилизација и хуман третман, како и зголемување на можностите за вдомување. Со тоа, градот има намера долгорочно да придонесе кон намалување на бројот на бездомни кучиња и подобрување на севкупната состојба со благосостојбата на животните во урбаната средина.

Зачлени се на нашиот е-билтен