Сеќавање на Методија Андонов – Ченто

https://mk.wikipedia.org/w/index.php?curid=22438
https://mk.wikipedia.org/w/index.php?curid=22438

На денешен ден, во 1902 година, во Прилеп е роден Методија Андонов – Ченто, Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп во близина на денешниот фудбалски стадион како прво здраво дете по неколкуте починати деца на неговите родители Андон, кој бил по потекло од прилепското село Леништа, и Захарија (Зака), која била по потекло од прилепското село Плетвар. Уште од најрана возраст, работел по прилепските тутунски и афионски полиња.

Ченто со татко му Андон
и мајка му Захарија
во Прилеп, 1919 година.

Во младоста бил одличен и истакнат гимнастичар. Завршил средно трговско училиште во Прилеп и во 1926 година отвора бакалско-угостителски дуќан и си обезбедува пристојна егзистенција. На 25 март 1930 година, во Нови Сад, склучува граѓански брак со Василка Спирова Поп-Атанасова. Тоа предизвикува бурни реакции во конзервативната прилепска средина и по враќањето на младите во Прилеп, на 5 мај тие се казнети со по 20 дена затвор поради вонбрачно живеење. Од бракот со Василка, Ченто има четири деца.

Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост. Учествува на изборите во 1935 година како заменик кандидат, а на изборите во 1938 година и како кандидат на списокот на Здружената опозиција, бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. На изборите во 1938 година од вкупниот број гласови дадени за кандидатите на опозицијата, Ченто добива најмногу, но не бил избран за пратеник поради државната манипулација со изборниот систем.

Уште на почетокот на бугарската окупација, на 26 април, Ченто добива покана да соработува со бугарските окупаторски власти. Тој ја одбива поканата и наместо тоа одбира да соработува со оние што се залагаат за ослободување на Македонија од нејзините нови окупатори. Неговата продавница за алкохол во Прилеп станува свртилиште на комунистите од градот, поради што бугарските власти во 1942 година го интернираат прво во селото Мелница, близу бугарско-турската граница, а потоа во логорот „Чучулигово“, Петричко, Пиринска Македонија.

По неговото ослободување од интернација, Главниот штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година му испраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. Во септември на двапати се среќава со својот сограѓанин Кузман Јосифоски – Питу, кој успева да го убеди да се приклучи на НОБ.

Именуван е за член на Главниот штаб, а по основањето на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ станува негов претседател. Како дел од Одборот учествува во подготовките и организацијата на свикувањето на АСНОМ. На почетокот од мај 1944 година тој, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.

По враќањето на делегацијата од Вис, се привршуваат подготовките околу АСНОМ и на 2 август се одржува Првото заседание. На него Ченто е избран за претседател на Президиумот на АСНОМ на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија (подоцна НР Македонија).

Тој се борел за правата и за слободата на македонскиот народ, за вистината за Македонија. Поради несогласување со некои ставови на тогашниот режим на ДФ Југославија, во 1946 година, со пресуда на Окружниот суд во Скопје, бил осуден според Законот за кривични дела против народот и државата и тоа со лишување од слобода 11 години. Умрел во Прилеп, на 24 јули 1957 година.

Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто бил табу тема и ретко бил спомнуван во историските книги и учебници, а и јавните разговори поврзани со него биле строго забранети. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто, е обновен судскиот процес против него и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија посмртно го одликувал Ченто со „Орден на Република Македонија“ орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.

Зачлени се на нашиот е-билтен