Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Секое второ дете во Прилеп се соочува со проблеми во говорот

Најновите тестирања на децата од четири до шест години во прилепските градинки покажуваат загрижувачки податоци: секое второ дете има потреба од логопедска поддршка. Тестирани се околу 500 деца, при што резултатите укажуваат на зголемување на случаи со говорни потешкотии, а сè почесто и на деца кои воопшто не зборуваат.

„Ситуацијата е алармантна,“ вели Даниела Пајмакоска Момироска, логопед во градинките „Наша иднина“ во Прилеп. „Најчесто станува збор за полиморфна дислалија, каде се заменуваат фонемите Р и Л, или за парасигматизам, каде звуците Ш и Ж се заменуваат со С и З. Во последно време, зачестени се случаи на алалија, целосно отсуство на говор, што бара итна интервенција од логопед и дефектолог,“ објаснува таа.

Според Пајмакоска Момироска, една од главните причини за ваквите проблеми е прекумерната изложеност на екрани и слабото комуницирање на родителите со децата. „Не можеме да дозволиме децата постојано да бидат пред телевизори, таблети и телефони. Комуникацијата меѓу родителот и детето мора да се засили,“ потенцира таа, советувајќи родителите секојдневно да разговараат со децата за нивниот ден и да одговараат на нивните прашања.

Родителите, како Габриела Стефаноска, чие дете има говорни потешкотии, ја нагласуваат важноста на овој проблем и потребата тој да не биде табу. „Моето дете има тешкотии со изговорот на неколку согласки. Работиме со логопед и во градинката и надвор од неа. Во групата на моето дете, 30 од 35 деца посетуваат логопед. Затоа, логопедската поддршка е нешто што топло го препорачувам,“ вели Стефаноска, охрабрувајќи ги и другите родители да побараат помош за своите деца.

Зачлени се на нашиот е-билтен