Секои десет минути една жена е убиена од блиска личност

Околу 50.000 жени и девојки биле убиени минатата година од страна на блиска личност, соопштија Обединетите нации во понеделник, изразувајќи жалење заради недостатокот на вистински напредок во борбата против фемицидот.

Минатата година во светот биле намерно убиени 83.000 жени и девојки. Од нив, 60 проценти биле убиени од партнер или член на семејството.

Тоа значи дека околу 50.000 жени ги убиле луѓе од нивното најтесно окружување – во просек 137 дневно, или една жена на секои десет минути, покажува извештајот објавен по повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.

Според проценките засновани на статистики од 117 држави, бројот на убиени жени е нешто помал од 2023 година (51.100), но оваа разлика не укажува на реален пад, туку на различна достапност на податоци меѓу земјите, стои во извештајот.

Двете агенции на ОН кои стојат зад анализањето – UN Women и Kанцеларијата на ОН за дрога и криминал – предупредуваат дека бројките „остануваат непроменети и покрај годините глобални обврски“.

Фемицидот продолжува да однесува десетици илјади животи ширум светот, „без никаков знак за сериозно подобрување“, а домовите остануваат најопасното место за жените и девојките кога станува збор за убиства.

Иако жените сочинуваат 20 проценти од сите жртви на убиства во светот во 2024 година, 60 проценти од нив се убиени во приватната сфера, додека само 11 проценти од убиствата на мажи се случуваат во таков контекст.

Ниту една светска регија не е поштедена, но најголем број жртви на фемицид од страна на блиски лица е забележан во Африка – околу 22.000.

Извештајот посочува и дека развојот на одредени технологии го влошил или дури создал нови форми на насилство врз жените – како што се објавување лични податоци, споделување интимни фотографии без согласност и „дипфејк“ видеа генерирани со вештачка интелигенција.

Зачлени се на нашиот е-билтен