Продлабочувањето на јавниот долг до крајот на годинава на ниво од над 66 отсто од Бруто домашниот производ ја втурнува земјава во таканаречената „црвена зона“ од каде е доста проблематично да се излезе.
Поранешниот потпретседател на парламентот и економист Слободан Најдовски за Телевизија 24 вели дека ниту една влада до сега не го испочитувала ниту реализирала планот кој стои во Фискалните стратегии кои се носеле низ годините. Уште попроблематично е сега, бидејќи буџетскиот дефицит ќе се зголемува, а парите кои ќе се трошат од најновото задолжување од Унгарија ќе биде без посебен критериум.
„Очигледно е дека во прв план е задолжувањето на Македонија во наредниот период кое што може да биде не само проблематично, туку ние сме длабоко веќе навлезаени во една црвена зона која што покажува дека владата има намера уште повеќе да го зголемува долгот. За заемот, се работи за прилично висока сума, карактеристичен е по тоа што нема никави ограничувачки фактори и детерминанти за негово користење.“ – Слободан Најдовски.
Вчера Министерството за финансии објави дека изработена е нова Фискална стратегија на државата за периодот 2025-2029 година. Документот со сите податоци ќе биде дополнително објавен. Но од расположливите информации стои дека очекувањата на властите се јавниот долг од 66,4 отсто да се намалува во периодот што следи. Како приоритети се наведуваат борбата со сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските средства, односно полнење на државната каса.
„Во 2024 година на крајот тој ќе достигне ниво од 66,4 % и во наредните години постепено ќе се намалува како резултат на постепената фискална консолидација и во 2029 година ќе биде под утврдениот лимит од 60% од БДП.“ – Министерство за финансии.
Доколку се анализираат стапките на јавниот долг, може да се забележи дека првиот посериозен скок е во периодот од 2012 до 2016 година кога претходното раководство на ВМРО ДПМНЕ го финансираше проектот Скопје 2014. Тогаш 38 отсто за неколку години јавниот долг порасна за 10 процети, и на тоа ниво се оддржуваше во следните години. Следното продлабочување се случува за време на пандемијата, 61 отсто во 2021 година.
Јавен долг 2012 – 38,3%, 2013 – 40,3%, 2014 – 45,8%, 2015 – 46,6%, 2016 – 48,8%, 2017 – 47,7%, 2018 – 48,8%, 2019 – 49,1%, 2020 – 59,7%, 2021 – 61%.
Со моменталната стапка на јавен долг која е нешто над 62 отсто од Бруто домашниот производ, или во апсолоутни бројки од околу осум милијарди евра, а БДПто на земјава изнесува 13 милијарди евра, математиката вели дека секој жител на Македонјија е задолжен за околу седум илјади евра.