Европскиот фронт нема да го поддржи нацрт-законот за правична застапеност, предупреди Зијадин Села, претседател на Алијансата за Албанците. На прес-конференција тој оцени дека Владата го усвоила текстот без јавна расправа и без да го објави, иако најавува консултација со Венецијанската комисија.
Според Села, документот од едвај 15 члена содржи само две одредби што се однесуваат на правичната застапеност, а преку можноста „во секое време да се промени идентитетот“ фактички се легализирала дотогашната манипулација со електронскиот „Балансер“. Тврди дека со тоа властите обезбедуваат алиби да се пофалат со реформa, додека реално им купуваат време до локалните избори.
Лидерот на Алијансата нагласи дека правичната застапеност е уставен принцип и „еден од столбовите“ на неговата партиска програма, па очекува темелна регулација што ќе вклучи и родова еднаквост во администрацијата. Изрази подготвеност да работи на сеопфатно решение со сите чинители, но оцени дека актуелниот предлог го загрозува „внатрешното општествено ткиво“ наместо да го зацврсти.
Осврнувајќи се на претстојните локални избори, Села потврди дека Европскиот фронт сè уште преговара за распределба на кандидатите за градоначалници. Клучен приоритет, според него, е спречување на обидите на ВМРО-ДПМНЕ да го ослаби албанскиот политички блок: „Албанците ќе испратат јасна порака со својот глас кој ги претставува и во власта и во опозицијата“, порача тој.