Несреќен инцидент се случи денеска попладне во скопската населба Ново Лисиче, кога семафор се урнал и паднал врз жена која во тој момент минувала пешачки премин. Според првичните информации, повредената е итно пренесена во болница со возило на Брзата помош.
Очевидци изјавиле дека силниот ветер го откорнал семафорот од основата, по што металната конструкција паднала директно врз жената. На местото веднаш пристигнала полиција и екипа на итна медицинска помош, а сообраќајот бил привремено блокиран додека траел увидот.
Засега не се соопштуваат подетални информации за здравствената состојба на повредената, но лекарски извори наведуваат дека станува збор за потешки телесни повреди.
Инцидентот се случува во ден кога за поголем дел од Македонија е активиран жолт аларм за силен ветер, кој предизвика повеќе проблеми низ главниот град — паднати дрвја, откинати делови од фасади и превртени контејнери.
Надлежните служби апелираат граѓаните да бидат претпазливи и да избегнуваат движење покрај метални конструкции, сообраќајна сигнализација и објекти со оштетени елементи.
Фотографија: press24.mk