Семејствата во Европа издвојуваат и до половина плата за детски градинки

Трошоците за згрижување деца од рана возраст во Европа и понатаму се високи и значително се разликуваат меѓу државите.

Поради високите цени, недостигот од места и долгите листи на чекање во градинките, семејствата се соочуваат со огромни издатци кои, за оние со пониски приходи, може да достигнат и до 50 проценти од буџетот, пишува Il Sole 24 Ore.

Цената и достапноста на услугите за деца од предучилишна возраст остануваат една од главните пречки за родителството во Европа. И покрај програмите за поддршка воведени од многу влади – како бонуси, даночни олеснувања и субвенции – семејствата сè уште се борат со високите трошоци, регионалните разлики и долгите листи на чекање. Иако ситуацијата варира од земја до земја, три проблеми се заеднички за сите: високи цени, ограничен пристап и неусогласени политики.

Во неколку земји членки, просечната неделна цена за целодневен престој во градинка надминува 180 до 200 евра, а во големите градови и побогатите региони цените се значително повисоки. Во одредени урбани центри, неделниот трошок достигнува и 350 евра, додека во други областни јавните услуги овозможуваат значително пониски, па дури и бесплатни градинки за семејства со ниски и средни примања. Овој широк ценовен опсег ги одразува не само националните, туку и локалните политики, создавајќи големи нееднаквости и внатре во самата држава.

Ирска: Високи цени и листи на чекање

Во Ирска, според податоците на организацијата Pobal за 2023 и 2024 година, просечниот неделен трошок за целодневна грижа за деца изнесува 190 евра. Во градовите како Даблин и Корк, цените надминуваат 200 евра неделно, а во областа Dún Laoghaire–Rathdown достигнуваат и 260 евра. Некои приватни градинки наплаќаат дури 370 евра.

Проблемот дополнително се влошува поради долгите листи на чекање – пријавени се повеќе од 77.000 деца, често на повеќе листи истовремено.

Државата нуди поддршка преку бесплатната ECCE програма (3 часа дневно во тек на две години – околу 70 евра неделно) и Националната програма за згрижување деца, која вклучува универзални и доходовно условени субвенции. Иако е воведен неделен лимит од 354 евра за даватели на услуги вклучени во јавниот програм, многу градинки го напуштаат системот за да можат слободно да ги зголемуваат цените.

Италија: Различни трошоци и недостиг од места

Во Италија се разликуваат јасли (0–3 години) и градинки (3–5 години). Цените на општинските јасли многу зависат од градот и приходите:

  • во Милано достигнуваат 669 евра месечно,
  • во Рим 524 евра,
  • во Неапол 290 евра,

но понекогаш изнесуваат само 50 до 100 евра.

Во приватните јасли цените се повисоки: во просек

  • 639 евра во Милано,
  • 476 во Рим,
  • 350 во Неапол.

Најголем проблем е недостигот од места. Во 2022 година, само 30 проценти од децата под три години имале обезбеден пристап до јасли, со големи регионални разлики и листи на чекање во 60 проценти од установите.

Семејствата можат да користат даночни олеснувања до 600 евра, бонус за јасли (1.500 до 3.600 евра зависно од приходите) и единствен месечен надомест (58 до 201 евро). Политичките дебати се повеќе насочени кон зголемување на бројот на места отколку кон намалување на цените.

Франција: Прогресивни тарифи и државна поддршка

Во Франција цените зависат од приходите и бројот на деца.
На пример:

  • семејство со едно дете и месечен приход од 801 евро плаќа околу 22 евра неделно,
  • семејство со приход од 8.500 евра – околу 237 евра.

„Микро-јаслите“, кои не се под регулатива на CAF, имаат различни цени, но семејствата можат да добијат соодветна поддршка.

Постои и даночен кредит од 50% од трошоците за згрижување, до максимум 3.500 евра годишно по дете (поврат до 1.750 евра).

Последниве години се јавуваат проблеми со квалитетот на услугите, а построгите прописи за бројот на вработени ги зголемуваат трошоците. Во просек, семејствата трошат од 6 до 15% од приходите за детска грижа.

Шпанија: Големо финансиско оптоварување

Во Шпанија, просечниот месечен трошок за одгледување дете во 2024 година достигнал 758 евра – 13% повеќе од 2022 година.

За деца од 0 до 3 години, згрижувањето претставува околу една третина од семејните трошоци, а за деца од 4 до 6 години – една петина.

Регионалните разлики се големи:

  • Андалузија: 722 евра,
  • Каталонија: 938 евра.

За 20% од најсиромашните семејства трошоците се неодржливи – речиси 900.000 домаќинства не можат да ги покријат трошоците ниту ако ги насочат сите приходи на згрижување. Многу семејства се принудени да го менуваат буџетот, да се откажуваат од имот или да имаат помалку деца. Недостига и државна поддршка споредлива со онаа во други земји.

Хрватска: Градинките се поевтини, но и понатаму го оптоваруваат буџетот

Додека во голем дел од Европа родителите за целодневен престој во градинка издвојуваат и до 50% од приходите, во Хрватска ситуацијата е поповолна – барем во државните установи. Според анализа од 2024 година, трошокот за згрижување во предучилишните установи изнесува околу 5% од нето платата на просечното семејство.

Во Загреб, цените за родителите се движат меѓу 20 и 80 евра месечно, зависно од приходите – значително помалку отколку во многу западноевропски земји. Во многу помали општини е практика јаслите или градинките да бидат многу достапни, а понекогаш и бесплатни за трето и секое следно дете.

Сепак, притисокот врз родителите во Хрватска расте, особено во приватните градинки. Без субвенциите од градовите и општините, економската цена може да достигне и 500 евра.

Зачлени се на нашиот е-билтен