Саморегулаторниот Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) лани се соочил со необичен и, како што го опишува, оркестриран дигитален притисок – во само еден ден, непосредно по погребот на жртвите од катастрофалниот пожар во Кочани, до Советот пристигнале повеќе од 140 поплаки. Наместо класичен бран реакции од јавноста, во СЕММ регистрирале „бомбардирање“ со жалби со ист ритам – секоја минута по една, што за институцијата било аларм дека не станува збор за органска, туку за насочена акција.
Клучниот проблем не бил само бројот, туку структурата на поплаките. Дел од нив се однесувале на медиуми што воопшто не се од Северна Македонија – портали и телевизии од регионот, па дури и телевизии од Индија кои известувале за погребот. СЕММ наведува дека многу од жалбите пристигнале од е-пошти „за една употреба“ или со непостоечки телефонски броеви, на кои никој не одговарал при обид за проверка на идентитетот. Во превод: некој го користел механизамот за жалби како алатка за масовно пријавување, без минимални услови за автентичност и надлежност.
Оваа епизода не е изолиран инцидент, туку врв на рекордната статистика за 2025 година. СЕММ соопштува дека во текот на годината биле поднесени 244 жалби – најмногу досега – од кои Комисијата разгледала 96 и донела 47 одлуки за членови и 43 мислења за медиуми што не се членови, додека 145 жалби ги отфрлила како неосновани за постапување поради поминат рок, непознат жалител или затоа што се однесувале на странски медиуми за кои Советот не е надлежен. Во таа „неоснована“ група, над 130 жалби биле поврзани со известувањето за трагедијата во Кочани и, според СЕММ, пристигнале во интервал од неколку часови на 21 март 2025 година.
За медиумската сцена, овие бројки имаат двојна тежина. Од една страна, тие покажуваат дека јавноста сè почесто бара механизми за отчетност, особено кога информирањето масовно се преселува онлајн, каде што стандардите најлесно се разводнуваат. Од друга, „жалбата“ – како цивилизирана алатка за корекција – се претвора во масовна дигитална техника за притисок: ако ја преплавиш институцијата со стотици пријави за неколку часа, не само што ја блокираш административно, туку создаваш и впечаток дека „сè е спорно“, дека „сите грешат“, дека „нема етика“ – впечаток што се шири побрзо од било која одлука на Комисијата.
СЕММ во истиот пресек наведува дека кај разгледаните случаи најчесто се прекршува членот 1 од Кодексот – точност, проверка и најмалку два независни извори – потоа членот 3 за исправка/демант кога ќе се утврди неточност, и членот 10 за дискриминација и говор на омраза. Притоа, најголем дел од валидните жалби се однесуваат на интернет-портали, што е и логично: онлајн содржината е најлесно достапна за пријавување, но и најлесно неконтролирана кога редакцискиот филтер е слаб или непостоечки.