Северна Кореја денеска го одбележува 80-годишниот јубилеј

Северна Кореја денеска го одбележува 80-годишниот јубилеј од основањето на владејачката Корејска работничка партија (КРП), во присуство на бројни високи странски претставници и лидери.

Прославата, според западни медиуми, има за цел повторно да покаже дека Пјонгјанг гради односи со клучни сојузници како Кина и Русија, кои испратија високи делегации. Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го смета Пекинг за свој најважен сојузник, а во последните години воспостави и блиски врски со Москва, испраќајќи севернокорејски војници да ѝ помогнат во војната против Украина.

Во септември, Ким стоеше заедно со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин на воената парада во Пекинг по повод одбележувањето на крајот на Втората светска војна.

Иако деталите за програмата на прославата не се објавени, во Пјонгјанг веќе пристигнаа повеќе странски лидери.

Кинескиот премиер Ли Ќијанг (Чјијанг)  е највисокиот кинески функционер што ја посетил Северна Кореја од 2019 година. Тој е еден од седумте членови на Постојаниот комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина – највисокиот орган на власта.

Русија ја претставува поранешниот претседател и актуелен потпретседател на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев, кој е и претседател на владејачката партија „Единствена Русија“. Двете партии денеска објавија заедничко соопштение во кое Корејската работничка партија ја потврдува својата „цврста солидарност со Русија во решавањето на кризата во Украина и целосната поддршка на специјалната воена операција“.

Во Пјонгјанг пристигна и генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам То Лам, а се очекува и претседателот на Лаос и лидер на Лаоската народно-револуционерна партија Тонглун Сисулит.

МИА

Зачлени се на нашиот е-билтен