Две хакерски групи поврзани со Северна Кореја, Лазарус и АПТ38, се одговорни за кражба на 100 милиони долари од американската крипто компанија Хармони, во јуни минатата година, соопшти Федералното истражно биро.
Овие хакерски групи на 13 јануари користеа протокол за приватност наречен „Railgun“ за да „исперат“ повеќе од 60 милиони долари од етер криптовалутата, присвоена за време на кражбата во јуни и претворена во биткоин, се вели во соопштението на ФБИ.
ФБИ тврди дека Северна Кореја користи кражба и перење криптовалути за да ги поддржи своите програми за балистички ракети и оружје за масовно уништување.
Во јуни минатата година, „Хармони“, со седиште во Калифорнија, објави дека нејзиниот „Horizon Bridge“, кој е основниот софтвер за пренос на криптовалути, како што се биткоин или етер, помеѓу различни блокови, блокчејн, бил хакиран.
ФБИ минатата година соопшти дека истрагата потврдила дека групата Лазарус и АПТ38, онлајн актери поврзани со Северна Кореја, биле одговорни за кражба на криптовалути од 620 милиони долари кога мрежата Ронин, која ја користеле корисниците на популарната онлајн игра „Axie Infinity“, беше на мета на хакери.