Националниот парк Шар Планина официјално стана дел од Мрежата Паркови на Динаридите, организација што ги обединува заштитените планински подрачја од осум земји, со вкупно 105 членки.
Придружувањето беше потврдено на Седмата меѓународна конференција на Парковите на Динаридите, одржана во Подгорица под мотото „Глобални и европски перспективи на заштитените подрачја во регионот“. Од управата на паркот истакнуваат дека ова претставува значајно признание, но и дополнителен поттик за унапредување на управувањето и зачувувањето на природата.
„Особено ми беше важно да размениме искуства со колегите од соседните држави, да разговараме за предизвиците и успесите во управувањето со заштитените подрачја“, изјави Милорад Андријески од управата на паркот.
Со овој чекор, Шар Планина се позиционира како клучен партнер во зачувувањето на биодиверзитетот и одржливото управување со планинските екосистеми на Балканот.

