Џесика Кокс, шефица на политиката за нуклеарно оружје на НАТО, изјави за финскиот весник „Илта Саномат“ дека ризикот од употреба на нуклеарно оружје во Европа е зголемен.
Кокс разговараше со неколку претставници на медиумите за време на Хелсиншкиот безбедносен форум.
На прашањето за изјавата на финскиот претседател Саули Ниинисто на почетокот на септември дека „опасноста од употреба на нуклеарно оружје е огромна“, Кокс одговори дека Европа влегува во нова ера.
„Русија се заканува со нуклеарно оружје. Гледаме дека Владимир Путин и руските официјални лица коментираат за ова прашање. Влегуваме во време кога опасноста од употреба на нуклеарно оружје се зголемува во Европа. Мораме многу сериозно да ги сфатиме сите овие руски акции и закани“, изјави Кокс.
Според неа, и покрај заострената реторика засега нема значајни промени во нуклеарната политика на Русија од почетокот на конфликтот во Украина.
„Важно е да се знае дека руското нуклеарно оружје е секогаш во состојба на готовност. Иако не се гледаат значајни промени, не смееме да се олабавуваме“, рече Кокс.
Таа додаде дека е убедена дека Путин ќе употреби нуклеарно оружје доколку работите тргнат лошо за Москва да го промени исходот од војната.
„Навистина опасно е сценариото да се мисли дека нуклеарно оружје ќе биде употребено првпат по повеќе од 70 години. Постојано сме загрижени за ова сценарио. Меѓутоа, во моментов не гледаме дека работите се развиваат во таа насока“, кажа Кокс.
Таа нагласи дека НАТО во моментов не планира никакви промени во однос на базите за нуклеарно оружје во Европа.
Кокс е загрижена и за тоа какви лекции ќе научат другите земји од постапките на Русија. Затоа е важно Украина да ја добие војната.
„Доколку Русија победи во војната и во исто време се закани со нуклеарно оружје, тоа ќе биде многу опасна лекција не само за Русија, туку и за Кина и Северна Кореја. Тие земји би можеле да мислат дека заканата од нуклеарно оружје е нешто што може да се искористи“, вели Кокс.