Шефицата на австриската дипломатија е против бојкот на Песна на Евровизија поради учеството на Израел

Министерката за надворешни работи на Австрија Беате Мајнл-Рајзингер, чија земја ќе биде домаќин на натпреварувањето за Песна на Евровизија во 2026 година, се спротивставува на најавениот бојкот од неколку европски земји поради учеството на Израел, пренесува ДПА.

Словенија, Шпанија, Холандија и Белгија размислуваат за бојкот на настанот доколку на Израел, кој е во војна против палестинската исламистичка организација Хамас во Газа, му биде дозволено да учествува.

Беате Мајнл-Рајзингер, во писмо до своите колеги објавено денеска, вели дека таков бојкот „ќе ја спречи можноста за важен дијалог меѓу уметниците и јавноста – без подобрување на ситуацијата на терен во Израел и Газа“.

Таа истакнува и дека е „длабоко загрижена поради ризикот од поделба меѓу членовите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) по ова прашање“.

Шефицата на австриската дипломатија смета дека иако политичките случувања, особено оние што вклучуваат хуманитарно страдање, не можат да се игнорираат, ЕБУ не е соодветен полигон за санкции, туку тоа треба им се остави на воспоставените политички форуми.

„Уметноста и културата можат да градат мостови. Затоа е важно да се одржува дијалог со израелските уметници и јавноста, од кои многумина отворено се дистанцираат од постапките на нивната влада“, наведува Мајнл-Рајзингер.

Се очекува Европската радиодифузна унија (ЕБУ) во декември да одлучи што да се преземе околу учеството на Израел. Со седиште во Женева, ЕБУ ја смета Песната за евовизија како аполитичен уметнички настан. Критериум за учество е независноста на радиодифузерите што ги испраќаат учесниците. Израелскиот радиодифузер Кан наводно ги исполнува овие услови.

Зачлени се на нашиот е-билтен