Шефот на „Ферари“ ќе одработи општествено корисна работа и ќе плати милиони заради спор околу наследство

Претседателот на „Ферари“ и групацијата „Стелантис“, Џон Елкан, прифати една година општествено корисна работа и заедно со брат му и сестра му ќе плати милиони евра за да го реши спорот околу данок на наследство во Италија, објави BBC.

Според италијанските обвинители, Елкан и неговите браќа и сестри, Лапо и Џиневра, ќе ѝ уплатат на државата 183 милиони евра. Неговиот адвокат нагласи дека договорот не претставува признавање вина, туку можност оваа афера брзо да заврши.

Спор околу наследството

Даночниот спор се однесува на имотот на бабата на Џон Елкан, Марела Карачиоло, која почина во 2019 година. Обвинителите тврдеа дека семејството Елкан не пријавило околу една милијарда евра имот и 248,5 милиони евра приходи, повикувајќи се на тоа дека нивната баба била резидент на Швајцарија.

Во понеделникот беше постигната нагодба за плаќање, по што обвинителството побара да се запре кривичната постапка против братот и сестрата на Елкан, што судот и го прифати.

Општествено корисна работа и правни последици

Џон Елкан ќе мора да предложи институција во која ќе ја одработи својата обврска – како можни опции се споменуваат центри за стари лица или установи за помош на зависници. Неговиот адвокат, Паоло Синискалки, истакна дека ваквата спогодба нема да значи правно признавање одговорност.

Доколку судот го прифати барањето, постапката против Елкан ќе биде обуставена, а по успешно завршување на пробниот период, сите обвиненија ќе бидат повлечени.

Поширок семеен судир

Овој случај произлегува од подолг спор меѓу браќата и сестрите Елкан и нивната мајка, Маргарита Ањели, околу имотот на легендарниот Џани Ањели – поранешен шеф на „Фиат“ и дедо на Џон Елкан. Маргарита, која наследи 1,2 милијарди евра, се обидува да ги поништи договорите потпишани во 2004 година за да обезбеди дел од наследството и за нејзините деца од вториот брак.

Џон Елкан, кој е најстарото дете на Маргарита Ањели, е претседател на „Стелантис“ од 2021 година, а на чело на „Ферари“ е од 2018 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен