Шехбаз Шариф денеска е избран за премиер на Пакистан.
Тој беше избран од Националното собрание формирано по парламентарните избори, чии резултати ги оспоруваат приврзаниците на поранешниот премиер Имран Кан.
Шехбаз Шариф (72) веќе беше премиер од април 2022 до август 2023 година.
Тој денеска во Народното собрание беше избран со 201 глас „за“ и 92 „против“, три недели по изборите одржани на 8 февруари, обележани со големи сомнежи за проневера. Гласовите против беа за Ајуб Кан, кандидат поддржан од поранешниот премиер Имран Кан.
Имран Кан, кој е во затвор од август, тврди дека изборите биле наместени на срамен начин, на иницијатива на моќната армија, за да се спречи враќањето на неговата партија на власт.
За да се вратат на власт, Шехбаз Шариф и неговата партија, Пакистанската муслиманска лига (ПМЛ-Н), мораа да постигнат коалициски договор со нејзиниот историски ривал, Пакистанската народна партија (ППП) на Билавал Буто Зардари, и неколку други мали партии.
За возврат, поранешниот претседател Асиф Али Зардари (2008-2013), сопруг на убиената поранешна премиерка Беназир Буто и татко на Билавал, беше номиниран од партијата ППП за заеднички кандидат за претседател.
Шехбаз Шариф, помладиот брат на Наваз Шариф, кој и самиот трипати беше премиер, утре треба да положи заклетва со петгодишен мандат. Сепак, ниту еден пакистански премиер никогаш не останал до крајот на тој петгодишен мандат.