Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шенген зоната под притисок заради ситуацијата на Блискиот Исток

Министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ денеска се среќаваат во Луксембург каде ќе разговараат за ситуацијата во Шенген зоната, импликациите од ситуацијата на Блискиот Исток за внатрешната безбедност во ЕУ и миграцијата.

Како што пренесува МИА, сé повеќе земји воведуваат гранични контроли во Шенген зоната поради големиот број илегални мигранти. Италија најави дека поради променетите околности во Европа и на Блискиот Исток ќе воведе надзор на границата со Словенија. Следствено, во Словенија се најавува дека ќе воведат контроли на границите со Хрватска и со Унгарија.

Италија ја извести Словенија дека првично ќе воведе гранични контроли за десет дена со можност за продолжување. Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедоси го информирал својот словенечки колега Боштјан Поклукар дека суштината на воведувањето на оваа привремена мерка е спречување на тероризмот и организираниот криминал. Двајцата министри се согласија дека западнобалканската рута, која внимателно ја следат словенечките и италијанските безбедносни служби, може да биде атрактивен коридор за потенцијална радикализација.

Поради големиот мигрантски притисок и ситуацијата на Блискиот Исток, се повеќе земји воведуваат или продолжуваат гранични контроли на внатрешните граници на Шенген зоната.

Австрија воведе гранични контроли со Словенија и Унгарија уште во 2015 година, а во понеделникот ја извести Комисијата дека ќе продолжи до мај следната година. Во средата воведе контроли и на границата со Чешка, откако Германија одлучи да воведе контроли на границите со Полска и Швајцарија и да ги прошири контролите на границата со Австрија. Контроли на внатрешните граници на Шенген зоната вршат и Данска, Франција, Норвешка и Шведска.

Во рамките на дискусијата за Шенген зоната, посебно внимание ќе се посвети на криумчарењето мигранти и како ефикасно да се бориме против него.

За време на работниот ручек, министрите ќе разговараат за импликациите на ситуацијата на Блискиот Исток врз внатрешната безбедност во земјите-членки.

Зачлени се на нашиот е-билтен