Шерлок Холмс, стендап-комичарот Марјан Георгиевски и „Џез на кирилица“ на фестивалот за литература и општа култура – „Видик“

Денеска (22 мај), програмата на „Видик“ продолжува со тематскиот интерактивен настан за фанови, „Враќањето на Шерлок Холмс“, што ќе се одржи во 19 часот, во „Литература.мк“, „Сити мол“. На настанот, организиран во чест на денот на раѓањето на сер Артур Конан Дојл (22 мај 1859 – 7 јули 1930), автор на серијалот за славниот детектив Шерлок Холмс, ќе биде претставена едицијата „Шерлок Холмс“ во издание на „Арс Ламина“, која содржи девет новопреведени наслови („Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Баскервилскиот пес“, „Долина на стравот“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Мемоарите на Шерлок Холмс“, „Враќањето на Шерлок Холмс“, „Пред да падне завесата“, „Архивата на Шерлок Холмс“), кои имаат нов дизајн на корици од илустраторката Александра Софрониевска, која ќе биде дел од настанот. Исто така, ќе биде претставен и серијалот „Шерлок Холмс за деца“ – со десет книги за генијалниот детектив, адаптирани за најмладите читатели.

Популарниот битолски стендап-комичар Марјан Георгиевски, на 23 мај (четврток), во 19 часот, во „Литература.мк“, „Дајмонд мол“, ќе ја изведе својата монодрама „Железно небо“, од која произлезе и неговата прва книга со ист назив во издание на „Арс Ламина“. Со театарската изведба тој ќе ја промовира книгата, со која дебитира во книжевниот свет.

Во чест на Денот на сесловенските просветители – светите Кирил и Методиј (24 мај, петок), во 21 часот во „Литература.мк“, „Дајмонд“, ќе се одржи настанот „Џез на кирилица“, со еден од најнадежните македонски џез-состави „Мојра“. Групата настапува во состав: Јасна Трпкова, Дарко Јованов, Зоран Павлоски, Павел Ренџов и Петар Христов.

Зачлени се на нашиот е-билтен