Шест Бугари беа осудени од суд во Лондон за шпионажа во корист на Русија, јави ДПА.
Водачот на групата, 47-годишниот Орлин Русев, кој ја водеше групата од пансион на источниот брег на Англија, денеска беше осуден на 10 години и осум месеци затвор.
Тој ги призна своите дела заедно со неговиот заменик Бисер Џамбазов (44), кој беше осуден на 10 години и два месеци, и 33-годишниот Иван Стојанов, кој доби казна од пет години.
Агентките кои дејствуваа како заводнички, 33-годишната Катрин Иванова и 30-годишната Вања Габерова и 39-годишниот пливач Тихомир Иванов Иванчев, беа прогласени за виновни во март за дејствија за кои полицијата рече дека претставуваат ризик за човечкиот живот и националната безбедност на Обединетото Кралство.
Судијата Николас Хилијард ја осуди Иванова на девет години и осум месеци затвор. Габерова е осудена на шест години, осум месеци.
Нејзиното поранешно момче Иванчев, од Актон, Западен Лондон, беше осуден на осум години затвор.
Судијата Хилијард ја пофали полицијата за нивната „исклучително темелна и фокусирана истрага“. Тој истакна дека осудените лица биле „мотивирани од пари“ и живееле „многу удобно“ со значителните суми што им биле платени.
За време на судските рочишта, стана јасно дека шпионите биле предводени од наводниот руски агент Јан Марсалек – 44-годишен австриски бизнисмен кого го бара Интерпол по банкрот на компанија. Марсалек дејствувал како посредник помеѓу руската разузнавачка служба и Русев, јави ДПА.