Шест години ветувања на ВМРО-ДПМНЕ: 250, 120, 150…, а на улиците автобуси под секое достоинство

Шеста година по ред јавниот превоз во Скопје е тема на големи ветувања, силни изјави и прес-конференции и меѓупартиски обвинувања. И шеста година по ред – нови автобуси во бројките што се најавуваат нема. На улиците се тркалаат старите дизелаши под секое достоинство.

Од 2020 година наваму, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините највисоки функционери, пред сè Христијан Мицкоски и Александар Николоски, вклучително и нивната „протеже“, а потоа „отпадник“, Данела Арсовска, континуирано најавуваат набавка на десетици и стотици нови автобуси за главниот град. Бројките варираат, роковите се поместуваат, објаснувањата се менуваат – но резултатот останува ист: системска набавка во обемот што се ветуваше не е реализирана.

Еве една хронологија на ветувањата и блокадите за набавката на автобуси за Скопје, во која губитници, секако, се граѓаните

2020–2021: „33 автобуси се малку“

Во периодот кога СДСМ управуваше со Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикуваше набавката на 33 нови МАН автобуси, оценувајќи дека тоа е недоволно и дека градот има потреба од многу поголема обнова на возниот парк.

Темата автобуси тогаш стана симбол на, како што тврдеше опозицијата, „неспособноста“ на локалната власт.

Во тој период, покрај сите притисоци и отпори, помина проектот Бас рапод Трансфер БРТ, но подоцна, во мандатот на Арсовска/ВМРО-ДПМНЕ беше блокиран во Град Скопје.

Но, наместо алтернативен план со конкретна динамика и финансиска конструкција, јавноста доби политичка порака: потребни се повеќе автобуси.

И почна лицитацијата со бројки.

2021: Ветување за 250 автобуси

Во кампањата за локалните избори 2021 година, со поддршката за Данела Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ вети набавка на 250 нови автобуси во текот на мандатот.

Тоа беше централно ветување во делот за јавниот превоз, заедно со ветувањето дека градскиот превоз ќе биде бесплатен.

Денес, во 2026 година, таа бројка, 250 автобуси, остана само политичко, неиисполнето ветување, а  не реалност на скопските улици.

2022–2023: Мицкоски: „Јас договорив, тие блокираат“

Во 2022 година, кога пукна тиквата со Данела Арсовска, Христијан Мицкоски изјавуваше дека се работело на договор за набавка на автобуси, но дека процесот бил блокиран од градоначалничката Арсовска.

Од другата страна, пак, во Советот на Град Скопје се појавуваа иницијативи за еко-автобуси кои не добиваа зелено светло.

Граѓаните беа сведоци на отворен политички судир меѓу поранешни сојузници, додека ЈСП се соочуваше со недостиг на возила, намален број линии и чести дефекти.

Резултат: Скопје остана повторно на старите, одамна амортизирани автобуси.

2024 и 2025: Повторно ветување во кампањите за парламентарните и локалните избори

Темата автобуси повторно се врати во изборната реторика за време на парламентарните избори 2024 година. Повторно се говореше за нови возила, модернизација, еколошки решенија.

Конкретна испорака – немаше.

Во 2025 година Министерството за транспорт, предводено од Александар Николоски, на 19 јуни, најави набавка на 120 еко-автобуси, од кои 80 за Скопје.

Еден месец подоцна тендерот беше поништен. Објаснувањето формално-правно беше: единствената пријавена компанија не ги исполнувала условите. Политичкиот впечаток беше: уште едно големо ветување без завршница.

Истовремено, повторно се актуализираа идеи за БРТ-систем или градски трамвај – концепт што во 2021 година беше критикувани и отфрлани, затоа што проектот имал стратешки недостатоци.

„Нема стратешки недостатоци во проектот БРТ, тоа е фрлање прашина во очи на јавноста, истакна Шилегов, додавајќи дека на проектот БРТ работеа експерти од Лондон, Брисел, но и од земјава и сообраќајното решение е врз таква експертска основа, тендерот беше распишан пред изборите во 2021 година, но актуелната локална власт во Скопје ја прекина постапката. Тоа е единствената издржана опција за современ јавен транспорт во Скопје“, укажуваше уште во 2023 година Петре Шилегов, кој проектот го доведе до конечен проектен план.

2026: Најново ветување – 150 електрични автобуси

На 2 февруари 2026 година, премиерот Мицкоски најави набавка на 150 електрични автобуси, од кои 100 за Скопје.

Пораката на Мицкоски беше дека средствата се обезбедени со ново позајмување од Унгарија од договорот „влада со влада“ со оваа земја.

Оваа нова должничка врска со Унгарија повторно ги крена веѓите на познавачите на јавните набавки што ги консултираше Рацин.мк. Тие велат дека обично договорите „влада со влада“ се однесуваат на позајмици за воено-безбедносни проекти или за критична инфраструктура, а набавката на автобуси не спаѓа во тие рамки.

Тоа отвора уште едно прашање во однос на набавката на нови автобуси за Скопје.

И затоа, додека не ги видиме новите еко автобуси во Скопје, не ни останува ништо друго освен да ја следиме политичката играрија на ветувања и бројки, наспроти реалноста на старите изнемоштени дизели низ Скопје, како фактори за загадувањето на воздухот.

Шест години по ред, автобусите се дел од изборни програми, партиски обвинувања и прес-конференции. Бројките се менуваат – 250, 120, 150 – но суштината останува: системска, масовна обнова на возниот парк во ветениот обем не е реализирана.

Зачлени се на нашиот е-билтен