Шетав се рашетав низ нашта земја богата – Годишен концерт на КУД Дримкол – Вевчани

Вечерва во Домот на културата во Вевчани, КУД „Дримкол“ ќе одржи традиционален годишен концерт кој секоја година се одржува во периодот помеѓу Велигденските празнувања и Педесетница. На концертот учество ќе земат сите фолклорни ансамбли на друштвото, изворниот и народниот оркестар, пејачката група ,,Каданка,, преку вокални изведби на нејзини солисти како и членови на патувачкиот театар од Вевчани.

-Годишниот концерт за нас претставува голем настан, бидејќи се случува во Вевчани и пред нашите Вевчанци кои секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Но, нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот концерт на Дримкол е и голема одговорност. Оваа година темата на концертот е убавината на нашата земја, односно презентација на се што е убаво преку игра, песна, видео проекции како и преку дијалог на мајката и ќерката кои одлучиле да се рашетаат низ нашта земја богата – изјави Наташа Кукоска, етнолог, дел од уметничкиот совет на друштвото.

Поради големиот интерес кај публиката за овој културен настан, КУД „Дримкол“ одржува по два концерти со почеток во 18,00 часот и 20,00 часот. Низ годините наназад, со сигурност може да се забележи дека ова друштво на своите концерти секоја година обработува различни теми со силни пораки и на еден посебен и автентичен начин прави одличен спој на песната, орото, музиката и театарот.

Оваа година концертот е поддржан од министерството за култура на РСМ како проект од национален интерес на нашата земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен