Шилегов предупредува: пропустите на Обвинителството го клатат процесот за „Пулс“

Адвокатот Петре Шилегов, еден од бранителите во постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по денешното рочиште повторно ја насочи критиката кон Обвинителството, предупредувајќи дека неговите грешки директно го поткопуваат правичниот судски процес.

Тој потсети дека одбраната уште на претходното рочиште укажувала на исти пропусти – од хаотичната доказна документација до начинот на интегрирање на обвинението – но Обвинителството, како што вели, не постапило со потребната сериозност. „Клучно е судот прецизно да се произнесе по приговорите на одбраната, затоа што не станува збор за формализам, туку за суштински прашања поврзани со правичниот процес“, порача Шилегов.

Според него, ваквиот пристап на Обвинителството е несоодветен и пред судот, и пред семејствата на жртвите, и пред обвинетите. Пропустите, предупреди адвокатот, отвораат простор целиот предмет подоцна да стане тема на успешни жалби, наместо на јасно заокружена судска правда. „Основниот принцип на секој процес е виновните да бидат санкционирани, а невините ослободени. Со вакво постапување, Обвинителството го ограничува просторот правдата навистина да се оствари“, оцени Шилегов.

Истовремено, одбраната и денес инсистираше дека интегрираното обвинение мора навреме и целосно да им биде доставено на сите обвинети, за тие воопшто да можат да се изјаснат за вина. Судот веќе најави дека текстот на обвинението и листата на докази ќе бидат доставени електронски и во писмена форма, а продолжението на процесот е закажано за 2 декември, кога се очекува судењето да влезе во фаза на воведни зборови и изјаснување за вина.

Зачлени се на нашиот е-билтен