Русија ноќеска изведе воздушни напади врз Украина, при што најмалку четворица железнички работници се повредени, а критичната инфраструктура е оштетена, соопштија украинските власти.
Нападите се случија додека рускиот претседател Владимир Путин присуствуваше на воена парада во Пекинг, по повод годишнината од крајот на Втората светска војна. На парадата кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди дека светот се соочува со избор меѓу мир и војна.
Ширум Украина беа активирани предупредувања за воздушна опасност, а експлозии се слушнаа во девет од вкупно 24 региони.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека ноќеска успеало да собори 430 од 502 дрона и 21 од 24 ракети кои ги лансирала Русија. Меѓутоа, три ракети и 69 дрона погодиле 14 локации, пренесува Ројтерс.
Полска, западниот сосед на Украина и членка на НАТО, активираше свои и сојузнички авиони за да ја обезбеди безбедноста, соопшти командата на нејзините вооружени сили.
Четворица железнички работници во централниот украински регион Кировоград се хоспитализирани по рускиот напад, соопшти државната железница на Телеграм, додавајќи дека возовите каснат до седум часа, а бројни други услуги се оневозможени поради оштетените објекти.
Во главното железничко чвориште Знаменка, оштетени се 28 куќи, соопштија украинските служби за итни случаи.
Во Чернигов, на северот на земјата, поради нападите без електрична енергија останаа 30.000 корисници, а критичната цивилна инфраструктура е оштетена, изјави гувернерот Вјачеслав Чаус.
Во Ивано-Франковската област, пожарникарите се борат со пожар кој зафатил 9.000 квадратни метри складишни објекти, соопштија службите за итни случаи.
Русија се уште не се огласила.
Двете страни негираат дека ги таргетираат цивилите во нападите, во војната што Русија ја започна со голема инвазија врз Украина во февруари 2022 година.