Повторното носење на волци во Шкотските висорамнини би можело да им помогне на научниците да ги обноват шумите и да се борат против климатските промени, велат истражувачите.
Сивите волци би ловеле елени, кои го нарушуваат растот на шумите хранејќи се со млади дрвца.
Овие големи предатори биле истребени во Шкотска пред околу 250 години, оставајќи ги елените без природни предатори.
Научниците од Универзитетот во Лидс тврдат дека повторното распространување на волци во Кернгормите, во југозападниот, северозападниот и централниот дел од висорамнините, би можело да го намали бројот на елени и да им овозможи на природните шуми повторно да се прошират.
На овој начин, дополнителни милион тони стакленички гасови би можеле да се складираат годишно.
Истражувачите веруваат дека популација од околу 160 волци би била доволна за значително намалување на бројот на елени.
Сепак, истражувањето, објавено во научното списание „Еколошки решенија и докази“, признава дека идејата е контроверзна, особено меѓу земјоделците кои се загрижени за добитокот.
Ли Шофилд, еден од авторите на студијата, изјави дека тие „разбираат дека широко вклучување на сите засегнати страни и јавноста би било неопходно пред повторното воведување на волците воопшто да може да се разгледа“.
Тој додаде дека целта на истражувањето е да „обезбеди нови информации“.
Планот дури би можел да се монетизира ако земјоделците и сопствениците на земјиште бидат компензирани за отстранување на јаглерод диоксидот преку системи за јаглеродни кредити.
Сепак, во Европа има зголемен отпор кон растечката популација на волци, што доведе до намалување на нивото на нивна заштита минатата година. Тоа ги смири незадоволните земјоделци, но ги вознемири еколошките активисти.
Сегашната популација на волци во Западна Европа изнесува околу 12.000 единки, кои сега живеат на 67 проценти од нивната поранешна територија.
Од друга страна, бројот на елени во Велика Британија драматично се зголеми – од околу 450.000 во 1970-тите на два милиони денес, што е најголем број во последните 1.000 години.
Затоа јавноста сè повеќе се охрабрува да јаде стек од дивеч.
Имено, елените ги загрозуваат сите британски напори за пошумување, кои се клучни за постигнување на целите за нулта емисија на гасови.
Според студијата, денес само 4 проценти од Шкотска е покриена со шума, што ја прави еден од најмалку пошумените региони во Европа.