Шок на бензинските, дизелот скокна за 14,5 денари

Новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика донесе ценовен удар каков што одамна не е виден на домашниот пазар на горива. Од полноќ дизелот поскапува за 14,5 денари по литар, бензините одат нагоре за по 5 денари, а екстра лесното масло за домаќинство поскапува за 12,5 денари. Со ова, најголемиот товар повторно паѓа врз граѓаните, превозниците и компаниите, во момент кога секое ново покачување директно се прелева врз цените на превозот, храната и услугите.

Според новата одлука на РКЕ, од 10 март во 00:01 часот ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 79,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 81,50 денари, а ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе достигне 85,50 денари за литар. Екстра лесното масло 1 ќе чини 82,50 денари, додека мазутот се зголемува на 42,586 денари за килограм. Во просек, малопродажните цени на нафтените деривати растат за 14,27 отсто во однос на претходната одлука од 2 март.

Најсилниот удар е кај дизелот, а тоа значи дека последиците нема да останат само на бензинските пумпи. Дизелот е горивото што ја движи логистиката, транспортот, дел од индустријата, земјоделството и значаен дел од јавниот превоз. Кога таму има скок од 14,5 денари по литар за една одлука, прашање на време е кога новите трошоци ќе се преселат во цените на производите и услугите што секојдневно ги плаќаат граѓаните.

РКЕ објаснува дека зад оваа корекција стои силен раст на референтните цени на светскиот пазар. Според пресметката, бензините бележат раст од 13,384 отсто, дизелот 36,134 отсто, екстра лесното масло 32,102 отсто, а мазутот 27,870 отсто, додека курсот на денарот во однос на доларот исто така има влијание врз новата пресметка. Со други зборови, домашниот шок е директен одраз на надворешната ценовна турбуленција, која Македонија како увозно зависен пазар тешко може да ја апсорбира без последици.

Особено чувствителен е моментот што само еден ден претходно премиерот Христијан Мицкоски уверуваше дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати е стабилно, дека државата има резерви и дека притисокот врз потрошувачката доаѓа и од соседните земји, каде цените се значително повисоки. Но и со стабилно снабдување, денешната ценовна одлука покажува дека најголемиот проблем не е дали гориво ќе има, туку по која цена ќе можат да го точат граѓаните и фирмите.

Ова покачување отвора и многу пошироко прашање. Ако во една недела бензините поскапуваат за 5 денари, а дизелот скока за 14,5, тогаш ударот врз стандардот допрва ќе се мери. Прво на пумпите, потоа во транспортот, а на крај и во продавниците. Затоа новата одлука на РКЕ не е само сервисна информација за нов ценовник, туку сигнал дека нов бран на поскапувања лесно може да се прелее низ целата економија.

Рацин.мк во анализата која ја објави пред 4 дена точно прецизираше дека ова ќе се случи и до денар ја утврди цената која денес беше потврдена од РКЕ со опсежна анализа кој е виновен: Прочитајте повеќе:

Зачлени се на нашиот е-билтен