Шокантни бројки: 70% од коалите заразени – вакцината носи надеж!

Во Австралија е одобрена вакцина која би можела да ја спаси загрозената популација на коали од епидемијата на кламидија што со години ја коси оваа животинска врста. Научниот пробив е резултат на повеќе од една деценија работа и претставува клучен чекор во зачувувањето на една од најпрепознатливите австралиски животни.

„Стапката на зараза достигнува и до 70%“

Истражувачите од Универзитетот Sunshine Coast (UniSC) повеќе од десет години ја развиваа вакцината за да го запрат ширењето на болеста која уништи популации на диви коали долж источна Австралија. „Некои диви популации, каде што стапката на зараза може да достигне и до 70%, се сè поблиску до исчезнување“, изјави микробиологот Питер Тимс.

По добиеното одобрение од регулаторите, тимот се надева на значителна финансиска поддршка за испорака на вакцината до болници за диви животни, ветеринарни клиники и за вакцинација на коали во природата. „Патот беше долг и тежок. Имаше моменти кога речиси се откажавме. Денес е многу возбудлив ден“, додаде Тимс.

Антибиотиците често носат смртоносен ризик

Кламидијата, која се пренесува преку близок контакт или парење, предизвикува болни инфекции на уринарниот тракт, конјунктивитис, слепило и неплодност, а често резултира со смрт. Заразата може да ја зафати и женките и мажјаците, а младенчињата се заразуваат додека се во торбата на мајката.

Парадоксално, и самото лекување со антибиотици може да биде фатално, бидејќи тие ја уништуваат цревната флора неопходна за варење на листови од еукалиптус – единствената храна на коалите.

Кламидијата е причина за 50% од смртните случаи

Иако коалите се соочуваат со бројни закани како што се крчењето шуми, урбанизацијата и пожарите, кламидијата останува најголемата закана и е одговорна за половина од нивните смртни случаи. Се проценува дека во дивината денес живеат околу 50.000 коали.

Вакцината на UniSC, која е еднократна доза, е тестирана на стотици диви коали, а одобрението се темели на резултати од повеќегодишни испитувања. „Студијата покажа дека вакцината ја намалува веројатноста за појава на симптоми на кламидија кај коалите во репродуктивниот период и ја намалува смртноста од болеста за најмалку 65%“, изјави молекуларниот биолог Сем Филипс.

Финансирањето останува голем предизвик

Истражувачкиот тим се надева вакцината да биде бесплатна и нејзината примена да започне веќе во јануари во најзагрозените популации. Сепак, лоцирањето, фаќањето и вакцинирањето на дивите коали е исклучително скапо и средствата сè уште недостигаат.

„Вакцината не е доволна за спас на видот“

Научниците предупредуваат дека иако вакцината е клучен чекор, тоа не е доволно за спас на коалите. „Губењето на живеалиштата е најважниот проблем – ако нема дрвја, ништо друго не е толку важно“, вели Тимс.

Австралискиот министер за животна средина, Мареј Вот, потврди дека владата, паралелно со поддршката за вакцината, се фокусира и на обновата на живеалиштата. Како дел од тие напори, владата на Нов Јужен Велс неодамна најави додавање на 176.000 хектари во природни резервати со цел создавање на Голем национален парк за коали, кој треба да заштити над 12.000 коали и стотина други загрозени видови.

Зачлени се на нашиот е-билтен