Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Шолц ги повика ОН на единство околу Украина: Руските трупи убиваа, силуваа и мачеа, украински деца се киднапирани

Германскиот канцелар Олаф Шолц остро ја нападна војната на рускиот претседател Владимир Путин против Украина во неговиот прв говор пред Советот за безбедност на ОН, јави ДПА.

– Безбројни украински деца се киднапирани … Руските трупи убиваа, силуваа и мачеа … Тие минираат цели региони, претворајќи ги полињата со пченка во стапици на смртта, рече Шолц.

– Причината за континуираното страдање во Украина и во светот е шокантно едноставна: рускиот претседател сака да го следи својот империјалистички план да го освои својот суверен сосед, Украина, изјави Шолц пред најмоќното тело на ОН во Њујорк.

Тој го повика Путин да го исполни барањето на Генералното собрание на ОН за повлекување на неговите војници и прекин на војната.

– Ништо денес не одѕвонува погласно од молкот на Русија како одговор на овој глобален повик за мир, рече Шолц.

Генералното собрание на ОН во февруари донесе резолуција со која се повикува на повлекување на војниците – една година по руската инвазија на Украина. Од 193 земји-членки, 141 гласаа за, а само шест заедно со Русија гласаа против.

Имаше 32 воздржани, меѓу кои и Кина и Индија. Од тогаш нема нова резолуција.

Шолц последен говореше на седницата на Советот за безбедност, која траеше околу три часа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно зборуваше, и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, не беа присутни за време на обраќањето на Шолц.

Германскиот канцелар, исто така, ја обвини Русија дека намерно го лиши светскиот пазар од милиони тони жито и ѓубриво што им се потребни на земјите ширум светот.

– Русија намерно ги таргетира силосите за жито и пристанишната инфраструктура. И Русија еднострано се повлече од Црноморската иницијатива за жито, предизвикувајќи поголема сиромаштија и поголема несигурност во храната низ целиот свет, нагласи Шолц.

Како во вчерашниот говор пред Генералното собрание на ОН, Шолц ги поддржа мировните напори, но исто така предупреди на лажно решение на конфликтот.

– Мир без слобода е угнетување. Мир без правда е диктат. Колку повеќе сме обединети во нашето отфрлање на руската агресија, толку побрзо оваа војна ќе заврши, рече германскиот канцелар.

Зачлени се на нашиот е-билтен