Од воен аспект руската војна во Украина е „брутална“, оцени германскиот канцелар Олаф Шолц во Бундестагот и посочи дека Русија сепак не е силна.
На домашен план, како што тврди германскиот канцелар, „репресивниот“ руски систем покажува знаци на недостиг на сила.
Шолц нагласи дека Германија и Европа ќе и помагаат на Украина сè додека можат.
– Ако претседателот на Русија верува дека само треба да ја запре оваа војна и дека нашата поддршка ќе ослабне, тогаш греши, додаде тој.
Според него, Германија и Франција, Вајмарската тројка, целата Европска Унија се заедно и тоа е и пораката што ја испраќаат до Русија со сите одлуки.
Шолц се осврна и на, како што рече, „фалсификуваните избори“ во Русија и „прогонот“ на опозицијата.
– Исклучувајќи ги од изборите претседателските кандидати кои немаат голема перспектива, но можат да добијат премногу гласови – ништо од ова не е знак на сила, рече германскиот канцелар пред дводневниот самит на шефовите на држави и влади на ЕУ во Брисел.
Самитот кој почнува утре, меѓу другото, ќе се фокусира на поддршката за Украина, ситуацијата на Блискиот Исток, проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и други теми како миграцијата и земјоделството.