Земјите-членки на ШОС, во заедничка изјава објавена од Ксинхуа, потврдија дека „секој обид за погрешно толкување или произволно преиспитување на оваа резолуција би го поткопал авторитетот на Советот за безбедност на ОН“.
Франција, Велика Британија и Германија, повикувајќи се на клаузула од меѓународниот договор од 2015 година, најавија повторно воведување на санкциите на ОН врз Иран доколку не најде дипломатско решение за неговото нуклеарно прашање во рок од 30 дена.
За време на самитот на ШОС, претседателите на Русија и Иран, Владимир Путин и Масуд Пезешкијан, се сретнаа во Тјенџин, објави Кремљ, кој претходно изјави дека фокусот на состанокот ќе биде нуклеарната програма на Техеран.
Русија, сојузник на Иран, го поддржува Техеран по ова прашање. Таа во петокот ги повика западните земји да „се вратат на здравиот разум и да ги преиспитаат своите погрешни одлуки“, предупредувајќи на „непоправливите последици“ од нивните политики.
Русија и Иран се зближија од почетокот на руската агресија врз Украина во 2022 година. Во јануари оваа година, тие потпишаа договор за стратешко партнерство со цел зајакнување на нивните билатерални односи, особено во областа на одбраната, потсетуваат западните агенции.