Шпанските власти ја истражуваат можноста дека неодамнешното појавување на африканска свинска чума во Каталонија можеби потекнува од истражувачка лабораторија. Сомнежите се појавија откако кај диви свињи во околината на Барселона беа потврдени 13 случаи на зараза – информација што сериозно ја вознемири свињарската индустрија, која годишно вреди околу 8,8 милијарди евра.
Првичните претпоставки беа дека вирусот се проширил преку контаминирана храна, но новите анализи ја променија насоката на истрагата. Шпанското министерство за земјоделство соопшти дека изолираниот вирус не одговара на соевите кои моментално циркулираат во ЕУ. Напротив, генетски е сличен на сој откриен во Грузија во 2007 година – вирус кој често се користи во лабораториски услови и при развој на вакцини.
„Откритието не ја исклучува можноста изворот да е институција што работи со биолошка изолација,“ соопшти министерството.
Каталонскиот претседател Салвадор Иља нареди итна ревизија на пет лаборатории што работат со вирусот на африканска свинска чума и се наоѓаат во радиус од 20 километри од жариштето.
„Ниту една опција не ја исклучуваме, но ниту една не ја потврдуваме. Најважно е да утврдиме што точно се случило“, изјави Иља.
Досега се потврдени 13 инфицирани диви свињи, сите пронајдени во круг од шест километри. Испитани биле уште 37 угинати животни, но тие биле негативни на вирусот. Властите прегледале и 39 фарми во пошироката зона и не утврдиле присуство на болеста.
На терен се распоредени повеќе од 100 припадници на воената единица за итни случаи, кои им помагаат на полицијата и ловочуварските служби.
Иако африканската свинска чума не е опасна за луѓето, за свињите често е смртоносна. Шпанија е најголемиот производител на свинско месо во ЕУ, со повеќе од 58 милиони заклани свињи во 2021 година. Извозот на свинско месо годишно достигнува 5,1 милијарди евра во ЕУ и уште 3,7 милијарди евра на светските пазари.
Истрагата продолжува додека властите настојуваат да спречат евентуално ширење на вирусот и да ги заштитат и домашните фарми и една од најзначајните агроиндустрии во земјата.

